Најстариот фудбалер во светот е „бесмртен“, на 52 години ќе игра уште една сезона!

Најстариот светски фудбалер Казујоши Миура нема намера да ги закачи копачките на клин и потпиша нов договор иако е пред својот 52. роденден.

Миура, кој настапува за јапонскиот второлигаш Јокохама, реши да ја продолжи фудбалската авантура и да се согласи на нов договор според кој ќе игра активно и во претстојната сезона. Миура е најстариот активен фудбалер, најстариот стрелец во професионалниот фудбал, а кариерата ја почна пред повеќе од три децении.

Јапонецот професионалната кариера ја почна во 1986 година во Бразил, каде настапуваше за Сантош и Палмеираш. Играше уште за Мацубара, ЦРБ, Коритиба, за потоа да се врати во татковината и да го облече дресот на Верди. Низ годините беше дел и од Џенова, Кроациа Загреб, Киото, Витсел Кобе и Сиднеј.

За јапонската репрезентација Мируа настапуваше од 1990 до 2000 година.