• Мартин Танасковски

Најголемата ѕвезда што некогаш заиграла во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Алпер Потук, се заблагодари на тимот на Гостивар за изминатите две години, но дали се збогува со Македонија?
Неофицијално, Потук беше најплатениот играч во македонскиот фудбал со плата од 35.000 евра, плус додатни бонуси. Сепак, неговата приказна со Гостивар заврши, откако клубот е исфрлен во Општинска лига затоа што напушти терен со Работнички, а потоа не одигра уште два меча во ПМФЛ.
„Со крајот на мојот двегодишен договор, сакам да се заблагодарам на претседателот, клупското раководство, тренерите, менаџментот, стручниот штаб, сите соиграчи, како и поддржувачите на Гостивар за љубезноста која ми ја покажаа за време на мојот двегодишен престој во Македонија“, напиша Потук на социјалните мрежи.
Дали тој си заминува од Македонија во целост, е тоа е дилема. Затоа што еден од прволигашите сериозно го посакува Турчинот во своите редови. Засега официјален контакт нема, но можно е во периодот кој следи да дојде до преговори.
Потук е фудбалер кој одигра седум сезони и забележа 215 настапи за Фенербахче. Искусниот Турчин настапуваше уште за Ескишехир, Анкарагучу и Ризеспор. Со неговиот ангажман Гостивар имаше и искуство и квалитет.