• Мартин Танасковски
Екипите на Милвол и Вест Хем кои важат за веројатно најлутите ривали во Англија се сретнаа во рамки на Чемпионшип, а дуелот кој понуди сешто, заврши без победник со резултат 2-2 (0-2) и спектакуларен кам-бек на „чеканите“.
Првпат по пауза од четиринаесет години се одигра едно „Докерс Дерби“. „Чеканите“ лани испаднаа од Премиер лигата и првпат по 2012 година се сретнаа со лутиот градски ривал. Ова дерби е едно од најжестоките и најопасните во Англија, а многу пати навивачите имале жестоки судири низ историјата. Во минатиот век во времето на хулиганските денови пресметките на двете навивачки групи биле многу почести, а имало дури и жртви. Во поновата историја исто така се забележани масовни тепачки.
Денешниот натпревар понуди жестоки дуели, тензија на теренот, судири на играчите и провокации меѓу навивачите на трибините. Мечот почна како по ноти за Милвол, кој на паузата имаше резултат 2-0 благодарение на головите на Тејлор и Негли во првото полувреме. Но фудбалот не би бил интересен, ако нема драма до крај. Вест Хем спектакуларно се врати, Канте и Мавропанос погодија во шест минути, од 74. до 80. минута, за реми. Гостите издржаа и со играч помалку, директен црвен картон доби еден од стрелците Канте.
Вест Хем е лидер во Чемпионшип по осум кола, додека Милвол се наоѓа на десеттото место.

