Најновиот позитивен тест во Премиер лигата е во северен Лондон

Откако беше објавено дека од петтата рунда тестирања за коронавирусот во Премиер лигата има само еден позитивен, рестартот на мечевите е се поизгледен. Официјален датум за рестартот на лигата е 17 јуни, а до тогаш ќе се одржат уште тестирања. 

Екипата на Тотенхем ги извести фановите дека заразениот по денешните тестови е од нивните редови, но не наведоа дали се работи за играч, тренер или член на стручниот штаб. 

„Бевме информирани од челните лица на Премиер лигата дека во нашите редови има еден позитивен тест на ковид-19 во оваа рунда тестирање. Заразениот моментално е асимптоатичен и ќе биде во самоизолација седум дена, согласно протоколот на лигата“, напишаа од Тотенхем. 

Заразениот со ковид-19 веднаш е испратен во самоизолација, а остатокот од екипата ќе продолжи со тренинзи, но ќе се следи нивната состојба.