Најнеобично мундијалско финале: Украина ја остава титулата во Европа

Попладнево во полскиот град Лоџ, светот ќе добие нов светски шампион во првата категорија под сениорската, категоријата за фудбалери до 20 години. Никогаш во историјата не играле понеобични селекции во финалето, бидејќи светски владетел во следните две години ќе биде или Украина или Јужна Кореја.

Украинците ќе се обидат да ја продолжат европската низа, бидејќи последни три шампиони станаа Франција, Србија и Англија. Оваа селекција пријатно изненади со стилот на игра, а големи заслуги има селекторот Олександар Петраков.

Една од ѕвездите е голманот на Реал Мадрид, позајмен на Леганес минатата сезона, Андриј Лунин. Одбранбената врска Попов - Чек делуваше многу стабилно цел турнир, а голот на Серги Булеца ја сруши Италија во полуфиналето. Во татковината оваа репрезентација се споредува со генерацијата на Ребров и Шевченко и допрва овие момци ќе зачекорат и во сениорскиот тим.

Јужна Кореја пред две години го организираше У20 Светскиот шампионат, а сега до израз дојде планската работа и со голема доза на среќа оваа азиска селекција се наоѓа на чекор да испише историја и да го донесе трофејот на овој континент.

Бубмејкерите поголеми шанси им даваат на Украинците, а натпреварот ќе го води Исмаел Елфат од САД.

Во мечот за третото место, синоќа во Гдиња, Еквадор по продолженија ја совлада Италија со 1-0 со голот на Мина во 104. минута. Норвежанецот Ерлинг Халанд со девет гола, сите постигнати на еден натпревар е најдобар стрелец на турнирот.