Најнапред победувале Шкотите, потоа Англичаните: Како доминираа Селтик, Ренџерс, Абердин...

Денешната приказна за колевката на фудбалот главно почнува од Англија. Но, шкотското влијание во островскиот фудбал е огромно. Иако денес постои голема разлика меѓу клубовите од Англија и Шкотска, низ минатото не било така. Шкотска е земјата со прв британски европски шампион, земјата со прво британско финале, земјата на тренерските магови Пејсли, Ферги, Шенкли, па и без ѕвезди како англиските, има свое место во историјата на играта.

Националната репрезентација првиот дуел го играла во 1872 година и баш против Англија (0-0). Ривалството е толку големо што двете земји играа за британски престиж. Шкотска дури 24 пати го освои ова натпреварување, последен пат 1977 година. Само двапати Шкотска се квалификувала за завршниот турнир на Европско првенство, во Шведска 1992 и во Англија 1996 година и во двата случаи натпреварувањето го завршила во групната фаза. „Келтите“ девет пати играле и на Мундијал, последен пат во Франција 1998 година, но пак не беше остварен планот и не беше минатата групната фаза. Сепак, шкотските фудбалери имаат големи заслуги во трите олимписки злата, освоени меѓу 1900 и 1912 година. Сосема поинаква е приказната кај клубовите, кај стилот, навивачите и приказната дека Шкотите се добри за виски, а не за фудбал. Со текот на времето покажаа дека добри се и за двете работи.

Сезоната 1967/68 е историска за британскиот  фудбал. Творците на играта беа арогантни и не сакаат да играат на првиот Мундијал и во првата сезона на Купот на шампионите, бидејќи сметаа дека се многу посилни од континентот. Но, всушност не беше така. Вулверхемптон е првиот англиски шампион кој заигра во првото клупско натпреварување во Европа. Но, мина многу лошо. Брзо беа елиминирани и прваците на Англија и Шкотска и во следната деценија. Но, дојде таа пролет 68-та и Британија за првпат се израдува на европска титула. Многу подоцна од Шпанија, Португалија и Италија. Првиот шампион на Европа од Британскиот полуостров, не беше ни Дерби, ни Лидс, ни Волвс или Ливерпул, туку шкотскиот гигант Селтик. „Зелено-белите“, препознатливи по тоа што не носеа дресови со бројки, туку на гаќичките со поголеми броеви беа испишани актерите на натпреварите, одиграа сезона за незаборав. 

Џок Стајн креираше екипа од единаесет шкотски фудбалери, немаше ни Британец, ни фудбалер од континентот, туку само домашни фудбалери. Повеќето беа искусни и физички многу цврсти. Против многу ривали делуваа така надмоќно како да играат сениори против младинци. Цирих и Нант беа први жртви на Џонсон, Валас, Ленокс и соиграчите. Војводина на Бошков, шампионот на Југославија претходната сезона 1966/67, беше ривалот на Селтик во четвртфиналето. Станиќ го постигна единствениот гол и новосаѓани со 1-0 отпатуваа на „Селтик парк“. Челмерс на почетокот од вториот дел го доведе шкотскиот првак во водство, а кога сите очекуваа продолженија, МекНил во последната минута ја елиминира Војводина и донесе прво шкотско полуфинале на Купот на шампионите. Со елиминацијата на Ајакс во четвртфиналето, првакот на Чехословачка, Дукла од Прага заслужи респект во полуфиналниот дуел. Сепак, на „Селтик парк“ ретко кој можеше да не загуби, а камо ли да триумфира. Селтик со предност од 3-1 отпатува за Прага, каде со  дефанзивен пристап издржа со почетните 0-0 и се избори за финале во Лисабон против Интер на Херера. Откако во четврфиналето го елиминира Реал Мадрид и тоа со победа среде Шпанија, Интер ја заслужи ролјата на фаворит во финалето. Дури и Сандро Мацола од пенал во седмата минута брзо донесе предноста на „нераѕурите“. Сепак, најстојчивоста на „зелено-белите“ се исплатеше и Гемел и Чалмерс во вториот дел комплетно го свртеа резултатот и донесе победа од 2-1. Селтик стана првиот шкотски и британски шампион на Европа. По повеќе од половина век од најсилното европско клупско натпреварување, овој трофеј остана единствен за малата британска земја.

Есента 1967 година Селтик имаше неповторлива шанса да стане и светски клупски првак. Во двомеч требаше да биде познат најдобриот тим на планетата, а ривал на европските прваци им беше Расинг од Аваланеда од Аргентина. На првиот дуел во Шкотска, МекНил во 69. минута го постигна единствениот гол и со предност од 1-0, Селтик отпатува во Јужна Америка. Пред 120.000 гледачи во Аргентина, Расинг возврати со победа од 2-1, но во тој период гол во гости немаше предност во европските и јужноамериканските натпреварувања, па мораше одлука за светски првак да даде трет натпревар на неутрален терен. ФИФА одлучи мајсторката да се игра на „Сентенарио“ во Монтевидео, па бројот на аргентински фанови беше многу поброен од шкотските навивачи. Расинг триумфираше со 1-0, со голот на Кардењас во 55. минута и сонот за светска круна за шкотскиот гигант остана само сон. 

По доминацијата во шкотската Премиер лига и уште некоја европска пролет, три години подоцна Селтик пак се избори за финале во Купот на шампионите. Стајн го имаше истиот ростер од 68-та, па откако Базел и моќната Бенфика на лесен начин беа елиминирани во првите две кола, многу детали наликуваа на шампионската сезона. Фиорентина во четвртфиналето беше „тврд орев“, но по 3-1 во Шкотска, мораше да се издржи на „Артемио Франки“. Киаруџи во првиот дел ги „отвори“ гостите, но Селтик се одбрани и закажа британско полуфинале против Лидс. Конели уште во првата минута на„ Елан роуд“ донесе водство за Селтик и откако шкотската одбрана ја сочува предноста, се смешкаше уште едно финале за „зелено-белите“. Хјус и Мардок ги извадија „жешките костени“ во Шкотска и го анулираа брзото водство на Лидс. Со две победи и како јасни фаворити, момците на Стајн се квалификуваа за финалето на „Сан Сиро“ против дебитантот Феенорд на Хапел. Холанѓаните го елиминираа европскиот првак Милан во осминафиналето и мораа да се сфатат сериозно. Во едно од најдраматичните финалиња, во кое се играа 120 минути, Селтик немаше енергија да го доведе натпреварот во пенал завршница. Гемел во 30. минута го отвори резултатот, но капитенот на Феенорд, Израел две минути подоцна израмни. Швеѓанецот Киндевл искористи една долга топка од Израел во 117. минута и покрај очигледниот пенал заради игра со рака на дефанзивецот на Селтик, продолжи со игра и постигна ефектен гол за финални 2-1. Селтик ја пропушти шансата како фаворит да стане европски првак и до ден-денес остана на круната од 1968 година. 

Ривалството меѓу Глазгов Ренџерс и Селтик датира уште од пред повеќе од еден век. Ако Селтик е првиот освојувач на европски Куп, Глазгов Ренџерс е првиот финалист. Пет години по почетокот на Купот на шампионите, првото издание го имаше и третото европско клупско натпреварување, Купот на Куповите. Токму „ренџерите“ се изборија за место во финалето во 1960 година (единствено со два натпреварит во Купот на Куповите) и дуел со Фиорентина, Ференцварош и Борусија Менхенгладбах први настрадаа од Шкотите, а Скот и Бренд ги постигнаа головите за победа од 2-0 против Волвс во полуфиналето. Со вкупни 3-1 вицешампионот на Шкотска, воден од Скот Симан, ги исфрли Англичаните и откако „виолетовите“ беа подобри од Динамо Загреб, двете екипи се соочија во финален двомеч. Унгарецот Нандор Хиденкути изгради феноменален тим на Фиорентина и во првиот дуел на „Ајброкс парк“ славеше со 0-2, со двата гола на Луиџи Милан. На реваншот на „Артемио Франки“, пак стрелец беше Милан, а погоди и Швеѓанецот Хамрин за победа од 2-1 и прв освоен трофеј за една италијанска екипа во европските клупски натпреварувања. 

Шест години подоцна Ренџерс се избори за ново финале на Купот на победниците на Куповите и дуел со големиот германски џин во најава, минхенски Баерн. Златко Чајковски состави импресивен тим кој подоцна ќе доминира со Бундеслигата и ќе започне да „жнее“ трофеи и низ Европа. Данецот Каи Јохансен беше единствен странец во шкотскиот тим на Симан. На тежок начин Ренџерс ги елиминира Борусија Дортмунд и Сарагоза и во полуфиналето се соочи со бугарското изненадување Славија од Софија. Вилсон го постигна единствениот гол во Бугарија, а Хендерсон во Шкотска и со севкупни 2-0, Глазгов Ренџерс се избори за своето второ европско финале. Скоро 70.000 гледачи дојдоа во Нирнберг, во близина на Минхен, на првото финале во Европа на Баерн, а второ за Глазгов Ренџерс. Во тврд дуел немаше голови во регуларниот тек, па екстра времето мораше да го даде победникот. Дрим-тимот со младите Бекенбауер и Герд Милер едвај ги „скрши“ Шкотите и Франц Рот во 109. минута го постигна златниот гол за трофеј за Баерн и солзи за Глазгов Ренџерс.

Сепак, третото финале беше среќно за „ренџерите“. Се играше сезоната 1971/72 кога ждрепката соочи два фаворити уште во четвртфиналето. Торино беше моќник низ фудбалска Италија и не беше лесно да се игра под Алпите. Во првиот дуел на „чизмата“, Ренџерс извлече 1-1 (стрелец Џонсон) и со голот на МекДоналд на „Ајброкс парк“ се чекираше во полуфиналето. Таму стигна наплата на сметките. Пак се сретнаа Ренџерс и Баерн, но овој пат во два дуели поуспешни беа момците на новиот тренер Вили Вадел. Глазгов Ренџерс донесе 1-1 од Баварија, а на домашен терен Жардин и Парлен ги постигнаа головите за место во финалето. УЕФА го назначи велелетниот „Камп Ноу“ за домаќин на завршниот натпревар на 13-от Куп на победници на Купови, а наспроти себе, Глазгов Ренџерс го имаше руски Торпедо. Шкотите беа многу подобри, поведоа со 3-0 (два гола на Стајн и еден на Џонстон) и реакцијата на Русите на Константин Бешков беше задоцнета. Со победа од 3-2, Глазгов Ренџерс го освои првиот европски трофеј и компензираше што не можеше да се радува на успех во Купот на шампионите, каде се прослави Селтик. 

Осумдесеттите години беа години во кои Европа се запозна со друга верзија на шкотскиот фудбал, надвор од Глазгов. Под водство на младиот тренер кој не беше некој голем фудбалер, но располагаше со идеи како никој дотогаш, Алекс Фергусон – се роди нов шкотски гигант. Ферги го презеде Абердин и двапати беше првак на Шкотска и како и во минатото Селтик и Ренџерс, беше сочинуван само од шкотски фудбалери. МекЛиш и Страхан беа главни ѕвезди, а блесокот најсјајно зрачеше во сезоната 1982/83. Абердин таа сезона во Купот на Куповите го елиминира Баерн во четвртфиналето, откако по 0-0 во Минхен, славеше со 3-2 во Шкотска, откако МекЛиш и Хјуит во финишот пораз претворија во победа. Кога ги минаа Баварците, момците на Ферги имаа многу полесна задача со белгиски Генк (тогаш под името Ватершеи Тор) во полуфиналето. Победата од 5-1 во Шкотска беше гаранција за финале, па поразот од 1-0 во Генк беше безболен. На 11 мај 1983 година во финалето на „Улеви“ во Гетеборг, дебитантот Абердин имаше најсилен можен ривал во финалето – мадридски Реал на Алфредо ди Стефано. Гаљего, Штилике, Хуанито и Сантиљана беа ѕвезди на шпанскиот титан и на Абердин не му се даваа големи шанси. Блек во седмата минута ги доведе Шкотите во водство, но само седум минути подоцна Хуанито од пенал израмни (1-1). Натпреварот влезе во екстра време, се играше тврдо и тактички и Џон Хјуит во 112. минута го матира Агустин и на Абердин му донесе прв европски трофеј. Пет месеци по освојување на првиот дојде и вториот трофеј. Во Суперкупот на Европа, тогаш игран во два натпревари, Абердин го сруши и европскиот првак Хамбургер на Ернст Хапел. На 22 ноември 1983 година Абердин извлече 0-0 на „Волкспарк стадиум“ во северна Германија. Симпсон и МекГи во вториот дел двапати ја затресоа мрежата на Ули Штајн и Ферги веќе имаше две европски круни со малиот Абердин. 

Четири години по блесокот на Абердин, ѕвездена сезона во Европа имаше и Данди Јунајтед. Џим МекЛин креираше многу млада и брза екипа. МекИнали и Редфорд беа главни ѕвезди и подоцна репрезентативци на Шкотска. Вистински подвиг беше елиминацијата на големата Барселона во четвртфинален двомеч од Купот на УЕФА во сезоната 87/88. Галахер го постигна единствениот гол на „Танадајс парк“, а Кларк и Фергусон со два гола во последните пет минути донесоа победа од 1-2 во Каталонија и место во полуфиналето. Шкотите имаа многу тешка задача против моќната Борусија Менхенгладбах. По 0-0 на Островот, Данди приреди сензација на „Бецелберг“ и среде Германија го победи вицешампионот на Бундеслигата со 0-2. Фергусон и Редфорд погодија на почетокот и на крајот од вториот дел за голема радост и финале против шведски Гетеборг. Со прекрасниот гол на Стефан Бенгт Петерсон, Гетеборг со предност од 1-0 дојде во Шкотска на возвратниот дуел. Роџер Нилсон на средина од вториот дел го постигна водечкиот гол за Швеѓаните, а Данди израмни преку Кларк по еден час игра. Сепак, момците на МекЛин немаа сили за пресврт и на последната пречка заврши европскиот сон на Данди Јунајтед. 

По босмановото правило Селтик и Ренџерс потонаа во просечност и беа далеку од европскиот врв. Само двапати во последните триесет години шкотските фудбалски гордости беа на чекор до трофеј. Селтик на Мартин О Нил се избори за изненадувачко финале на Лига Европа на 21 мај 2003 година на „Олимпискиот стадион“ во Севиља. Екипата чии што лидери беа Хенрик Ларсон, Крис Сатон, Стилијан Петров и Пол Ламберт се избори за дуел со Порто на Мурињо. На патот до финалето, Селтик ја декласира Судува со 10-1, во супер-драматичен дуел го надигра Штутгарт со 5-4, а четвртфиналето против Ливерпул беше фудбалска убавица. Томпсон и Хартсон постигнаа голови во вториот дел на „Енфилд“ и по оние 0-0 во Шкотска, Селтик приреди сензација во Англија. Шведската легенда Хенрик Ларсон беше човек на одлука во полуфиналето против Боависта. Напаѓачот погоди во ремито на „Селтик парк“ (1-1), а потоа го постигна единствениот гол во Португалија. Финалето беше спектакуларно. Дерлеи и Алејничев двапати носеа предноста на „змејовите“, а Ларсон со два гола израмнуваше. Дуелот влезе во екстра-време, а дотогаш и потоа анонимниот Дерлеи во 115. минута го постигна златниот гол за Порто и првиот европски трофеј за Мурињо (3-2). Тој интензивен и храбар тим на Селтик на Мартин О Нил остана без награда, но собра многу симпатии низ фудбалска Европа. 

Во сезоната 2007/08, тренерската легенда на Ренџерс, Волтер Смит се избори за европско финале по повеќе од три децении чекање на клубот од „Ајброкс парк“. Во четвртфиналето Ренџерс го надигра португалски Спортинг, а вистинска драма донесе полуфиналето против Фиорентина. Двата натпревари завршија без голови, а „виолетовите“ се изнапромашија. По пенал рулетот Нил Александар беше јунакот и ја одведе својата екипа во финалето. Наместо дуел за титулата во Манчестер меѓу Баерн и Фиорентина како што сите очекуваа, за трофејот се бореа Зенит Санкт Петербург и Глазгов Ренџерс. Сепак, во финалето руската машинерија на Дик Адвокат, која играше како најдобрата холандска репрезентација, ги збриша Шкотланѓаните и со головите на Денисов и Зирјанов во вториот дел славеше со 2-0. Глазгов Ренџерс со Даршевил, Папац, Бери Фергусон, Хемдани не беше дораснат на Русите и мораше да потпише капитулација.

Од денешна перспектива тешко е да се разберат десетте европски финалиња на шкотските екипи. Четири победи и шест порази се сосема солиден учинок, а уште потешко ќе биде да се повторат во иднина. Со сегашната хиерархија, невозможна мисија е клубовите од шкотската Премиер лига да наметнат стил и резултати како во минатиот милениум. 

Зоран Мишевски