• Горан Упале

Шон Патрик Клајверт, најмладиот син на поранешниот холандски напаѓач Патрик Клајверт, денес на 16-годишна возраст го потпиша својот прв професионален договор со Барселона.
Талентираниот напаѓач, кој на оваа возраст навестува дека може да го достигне нивото на кариерата на неговиот татко, во „Ла Масија“ пристигна од Пари Сен Жермен пред седум години. Тој се докажа со играњето во кадетска конкуренција, од минатата година е член на Холандија до 16 години, па Барселона не сакаше да го загуби и го потпиша својот прв професионален договор.
Шон не е познат само како надарен напаѓач, туку и како страствен готвач! Својата склоност кон готвењето ја искажуваше уште од мали нозе, има свои профили на Инстаграм и Јутјуб, а веќе објави и две книги: „Готви со Шон“ (2018) и „Веган со Шон“ (2020 година). Треба да се напомене дека во 2017 година тој беше и најмладиот спортист кој некогаш потпишал спонзорски договор со Најк. Договорот е обновен пред една година.
Патрик Клајверт има четири сина, од кои тројца фудбалери (напаѓачот Џастин игра во Борнмут, стоперот Рубен во Дордрехт и напаѓачот Шон во кадетите на Барселона). Само Кинси е надвор од овој спорт.