• Горан Упале

Во последниот натпревар од 32. коло на шкотската Премиер лигата, фудбалерите на Глазгов Ренџерс и Селтик одиграа неверојатно „Олд Фирм“ дерби, крунисано со шест гола и поделба на бодовите. Ваквиот резултат не го промени пласманот. Лидерот Селтик сè уште има бод предност, вкупно 75, но Ренџерс има натпревар помалку.
Дуелот на „Ајброк“ започна со непосакуван шок за домашните фанови. Меада уште во првата минута донесе предност за Селтик, додека кон средината на полувремето О'Рајли беше сигурен реализатор на ударот од единаесет метри и „зелените“ поведоа со 0-2, резултат со кој се замина на одмор.
Во самиот финиш на првото полувреме Фабио Силва имаше одлична можност за Ренџерс, но резултатот не се менуваше. Работите почнаа да се менуваат на тревникот на почетокот на вториот дел. Во 55. минута Таварние реализираше пенал за домаќините и намали на 1-2, а многу брзо потоа Ренџерс постигна гол за 2-2. Сепак, тој гол беше поништен, откако судијата досуди прекршок во нападот, на самиот почеток од акцијата.
Кулминацијата на лудото дерби во Глазгов дојде во самиот крај. Најпрво Сима во 86. минута погоди за 2-2, но во следниот напад Селтик ја врати предноста откако Ајдах прекрасно погоди, меѓу двајца ривалски играчи. Драмата не заврши тука бидејќи во 93. минута Матондо мајсторски погоди од агол во спротивниот агол за конечна поделба на бодовите и 3-3.