• Горан Упале
Фудбалската клупска сезона во Европа е пред самиот крај, некои првенства завршија, додека во некои лиги нè очекува вистинско лудило во последните кола, како во борбата за врвот на табелата, така и за опстанок.
Шпанска Сегунда оваа сезона може да го носи епитетот на најлуда лига во Европа, бидејќи на две кола пред крајот во игра за пласман во Примера се 11 екипи и директно и преку баражот. Лидер по 40 кола е тимот на Леганес со 70 бода, а го следи Ваљадолид со 69 и овие две екипи моментално држат две позиции кои водат директно во шпанската елита.
Екипите пласирани од третото до шестото место на табелата на крајот од сезоната играат плеј-оф, а победникот е третата екипа која оди во друштвото на најдобрите. Еибар моментално е на третото место со 68 бода, а го следат Еспањол со 65, Расинг Сантадер со 64 и Овиедо со 61 бод.
На седмото место е Спортинг Хихон, кој и математички има шанси за пласман во баражот во следните две кола, како и осмопласираниот Елче, кој исто така има 59 бодови. На деветтото место е Ферол со 58 бодови и уште има шанси за плеј-оф, како и Леванте на 10-та и Бургос на 11-та позиција кои досега собраа по 57 бода.
Возбудливо е и на дното на табелата, каде четири екипи испаѓаат во третото ниво на шпанскиот фудбал. Најзагрозени се Аморебиета со 44, Алкорона со 42 и Андора, односно Виљареал Б со 40 бода. Математички, ниту Албасете (49), Сарагоза (47), Елденсе (47), Хуеска (45), Мирандес (45) не се сигурни за опстанок.
Така, во популарната Сегунда на две кола пред крајот само две екипи играат за душа, бидејќи не стравуваат од опстанок, а ниту пак може да влезат во плеј-офот. Тоа се Тенерифе на 12. позиција со 52 бода и Картагена на 13. позиција со 51 бод.
Додека во повеќето европски лиги на две кола пред крајот речиси се беше јасно, во шпанската Сегунда дури дваеесет екипи во финишот играат за нешто, па ни претстојат луди 180 минути.