• Мартин Танасковски

Дури и најдобрите тренери во светот знаат лошо да проценат играч, таква беше ситуацијата со Пеп Гвардиола со шампионската Барселона каде ретко кога грешеше, ама, сепак, непосредно пред да си замине, направи кикс при еден избор за дефанзивата.
Во 2009 година Барселона реализира интересен трансфер. Го купи Дмитриј Чигрински од Шахтјор Доњецк за да ја засили одбраната, од редовите на Шахтјор Доњецк, за сума од 25 милиони евра. Тогаш, таа цифра за дефанзивец беше навистина висока.
Сепак, Чигрински не покажа ништо на „Камп Ноу“ и таму се задржа една година. За 15 милиони евра експресно се врати во Шахтјор, а украинскиот тим си доби чист ќар од десет милиони евра. Во 2015 година Чигрински ја заврши епизодата во Шахтјор, замина во Днипро, а оттогаш игра кај нашиот јужен сосед, во Грција.
Од 2016 до 2021 година, Чигрински играше за екипата на АЕК. Таму стана шампион во Суперлигата. Во моментов, Украинецот кој има 36 години е дел од Јоникос, иако имаше планови да се врати во Украина и да ја заврши кариерата во Шахтјор кои се променија поради воениот конфликт со Русија.
Чигрински ужива во Грција, а неговиот договор со Јоникос истекува на крајот од оваа сезона. Медитеранот навистина му годи, а на чекање е ставена одлуката за пензија.