• Саше Љолес
Еден Азар е веќе неколку месеци без клуб, откако спогодбено го раскина договорот со Реал Мадрид. Белгиецот беше убедливо најплатен играч кај „кралевите“, но последните две сезони скоро и воопшто не играше.
Азар се наоѓаше во очајна форма и никако не можеше да добие минутажа кај Карло Анчелоти, а навивачите беа разочарани од него и бараа да си замине. Имаше многу шпекулации околу неговиот следен клуб, прво се зборуваше за преселба во Саудиска Арабија и во Турција, потоа го поврзуваа со трансфер во Кина и Соединетите Американски Држави, но негова следна дестинација најверојатно ќе биде родната Белгија.
Управата на Унион Ст. Гилоа е подготвена да му понуди едногодишна соработка на Азар, а тамошните медиуми велат дека Азар веќе стапил во контакт преку со клубот. Ст. Гилоа последниве сезони е убедливо најуспешен тим во Белгија и овој трансфер би можел да биде добар за фудбалерот, особено ако успее да се врати во препознатливата форма која своевремено го вбројуваше меѓу најдобрите светски играчи.
Еден Азар беше доведен во Реал Мадрид од Челзи за сума од 115 милиони евра и заработуваше неверојатни 500.000 евра неделно, но никогаш не заигра во формата што ја имаше во Лондон и беше резерва или воопшто не се наоѓаше во составот на „кралскиот клуб“. За мадридскиот гигант во четири сезони одигра вкупно 76 натпревари и забележа седум голови и дванаесет асистенции. Најдобрата етапа во кариерата ја имаше во Челзи, каде на 245 натпревари постигна 85 голови.