Најголемите трансфер-промашувања на Вардар во последната деценија

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар е лидер во Првата македонска фудбласка лига (ПМФЛ). Коронавирусот ги стопира „црвено-црните“ во походот кон титулата, а интересно, тимот беше отпишан пред стартот на сезоната, поради неможноста за трансфери.

Оваа забрана донесе многу повеќе за Вардар, ако се биде искрен. Васоски изгради еден хомоген тим, составен од домашни фудбалери кои претежно доаѓаат од младинската школа. Не се носеа странци со сомнителен квалитет и не се повторија грешките од минатото, кога се правеа големи трансфер-промашувања.

Последно од имињата кое дојде во Вардар и си замина неславно беше Данило Бала од Бразил. Кои се најголемите трансфер-промашувања во последната деценија на Вардар?

  • Данило Бала

Бала дојде како засилување на крилната позиција во 2018 година, во него се најавуваше главен адут во тимот, меѓутоа заврши неславно. Бразилецот одработи неколку тренинзи со тимот, но не беше регистриран за двомечот со Пјуник во Лига Европа. Не одигра ниту минута, па си замина поради неразјаснети причини. 

  • Осеи Кофи

Не може, а да не се спомене Ганецот кој во 2013 година во Македонија дојде од ниските лиги во Германија додека тренер на „црвено-црните“ беше Никола Илиевски - Џиџи. Уште поинтересна беше и неговата изјава, во која кажа дека сака да биде моден дизајнер. Тој само се сликаше пред „Филип Втори“, а потоа промовиран на интернет-страницата, но никогаш не го видовме на терен.

  • Даниел Бонифачио

Португалецот пристигна исто така во „ерата“ кога беше промовиран Кофи, на стартот на 2013 година Само ден подоцна, Вардар го официјзлираше и Бонифачио, но тој не покажа ништо. Напаѓачот трипати се најде на терен, мина само 56 минути и потоа го - „снема“.

  • Мустафа Куајнор

Веројатно еден од најмистериозните играчи што пристигнал во мак-фудбалот. Играчот од Гана кој има 24 години дојде во Вардар како засилување во средниот ред во 2017 година, но не заигра. Веднаш потоа Јаневски го испрати на позајмица во Пелистер, не се снајде и таму и си замина од мак-фудбалот. Како „спомен“ од Вардар, Куајнор доби обештетување од речиси 50.000 евра за потпишаниот договор кој никогаш не го одработи.

Сигурно е дека не се само овие четири имиња промашувања на најтрофејниот, тука може да се споменат и фудбалери како Артур Миранјан, Жарко Симјановски, Владан Костиќ, Даниел Адо, Денилсон, Абрахам, Иди Баба...