• Иван Димовски

Аријан Адеми го одигра последниот натпревар за Динамо Загреб овој викенд, по што пристигна во Македонија за репрезентативните обврски. По дуелот со Малта, искусниот играч за врска ќе замине кон Кина за новиот предизвик во Пекинг Гуан.
Многумина испратија пораки за простување со доскорешниот капитен, меѓутоа најемотивна, најдолга и најсодржајна без сомнеж е онаа на Комнен Андриќ. Српскиот напаѓач кој три години беше соиграч на Адеми напиша навистина долга порака.
„Повлечете го бројот пет од употребата! 21 трофеј! Размислувам како да започнам... легенда на клубот!
Искрен, лут, чесен до срж, непоткуплив, авторитативен, брат, другар, советник, тоа се само некои од личностите кои се дел од твојот идентитет. Играв со толку многу фудбалери, многу се неверојатни и играат во најдобрите клубови на светот, ама никогаш не сум сретнал некој како тебе! Твоето присуство на теренот беше немерливо, доволно за цела екипа да се чувствува подобро и посигурно, ти беше срце и душа на оваа екипа! Сите млади фудбалери кои минаа низ Динамо за времето на мојот престој пораснаа, созреаја и учеа од тебе. Научија како се работи, како се почитува и што значи односот кон фудбалот. Секогаш си бил „гладна ѕверка“ на секој тренинг, на секој натпревар. Пораз за тебе не постои, само лекција. И натаму се прашувам како е можно некој на секој тренинг, секоја топка и дуел, во секоја секунда да се на 110%. Веројатно уште долго ќе се прашувам бидејќи тоа го видов само кај тебе.
Моето место во соблекувалната беше до тебе, додека жив нема да заборавам кога пред важен натпревар во Лигата на шампионите дојде, седна и една минута само гледаше во подот. Јас разбрав дека нешто не е во ред, видов дека очите ти се полни солзи. Тогаш видов крваво стапало од доста убоди од игла, напукната коска, а ти земаш инјекции за болка (блокада), стегаш заби и излегуваш на терен како ранета ѕверка да изгинеш за својот клуб и соиграчите. Е тоа си ти!
Покрај сите неброени фудбалски квалитети кои ги поседуваш, уште поимпресиониран сум од главните, човечките! Сто пати сме влегле во дебати, но секогаш остануваше на своето мислење, никогаш не зборуваше нешто што другите сакаа да го чујат, туку тоа што го мислиш. Малку се такви денес, линијата на помал отпор за тебе не постои, само искреност и чесност, па макар и да те одведат во најголемата штета. Затоа сите толку те ценат, не само во клубот, туку и кај ривалите и луѓето. Толку трофеи, толку успеси, признанија, а ти секогаш сталожен, свој, приземен, внимателен и гладен за успеси. Не би должел во и онака долгата порака, но ова е најкратко и најмалку што можев да напишам за тебе, твојот лик и дело за сите овие години во Динамо.
Ти благодарам, капитену мој, на сè, беше задоволство да бидам војник во твојата чета и среќно понатаму.
Еден е Аки капитенот“, стои во пораката.
Андриќ сега настапува за екипата на Клермон од Франција, додека и Адеми е пред нов предизвик во кариерата. Сепак, ликот и делото на македонскиот репрезентативец најдобро се отсликува низ оваа порака на Андриќ.