• Горан Упале
Џејмс Таверние, капитен на шкотскиот гигант Ренџерс, објави дека ќе го напушти клубот на крајот од сезоната по повеќе од една деценија поминати на „Ајброкс“.
Искусниот десен бек, воедно и најефикасниот дефанзивец во историјата на британскиот фудбал, е капитен на тимот од Глазгов осум години. Во тој период, тој ја освои титулата во националното првенство и двата куп натпревари, а играше и во финалето на Лигата на Европа во 2022 година, каде што шкотскиот тим беше поразен на пенали од германскиот Ајнтрахт.
За време на неговиот престој во Ренџерс, англискиот фудбалер постигна импресивни 144 гола на 562 натпревари како десен бек. Во објава на социјалните мрежи, тој нагласи дека одлуката да замине не била лесна.
„Овој клуб беше огромен дел од мојот живот и животот на моето семејство во текот на изминатите 11 години. Ми даде толку многу, и на теренот и надвор од него. Од првиот ден се обидував да го дадам најдоброто од себе и да го претставам на вистински начин“, рече Таверние.
И покрај плодната кариера во Глазгов, Таверние никогаш не доби шанса да дебитира за Англија.




