Најдоски: Го сочував дресот од финалето во Бари, не е испран – сè уште има крв!

Пред нешто повеќе од три децении, Црвена Звезда се искачи на тронот во Европа и ја освои титулата во Лигата на шампионите. Дел од ѕвездената генерација на „црвено-белите“ беа и македонските легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски. По повод јубилејот, српскиот медиум Mozzartsport направи интервју со Најдоски, кој се присети на многу моменти од таа сезона. 

„Слабо го одигравме финалето, без тактика. Притисокот го направи своето. Знаевме дека се страшна екипа, некогаш е подобро да одиграш како нас и да победиш. Никој не ни кажа да се браниме, туку таков беше натпреварот, не сакавме да направиме кикс. Беше тешко, го чував Папен кој со Панчев беше најдобар шпиц на Европа. Тие ги имаа и Абеди Пеле кој леташе, тука беа и Водл, Бразилецот Мозер, Боли...“, започна Најдоски. 

Поранешниот дефанзивец се осврна и на пеналите. Тој нагласи дека редоследот бил познат и немало никакви дилеми, а сите верувале во изведувачите.  

„Знаевме со кој редослед одиме: Роби, Дејо, Миле... не ми текнува кој беше по Панчев, но знам дека јас не би шутирал никогаш. Навистина мора да си смирен, одговорноста е огромна. Сепак, толку бевме сигурни во тие пет изведувачи и знаеме дека нема шанса да промашат. Тогаш имаше правило „пенал-бод“, така што имавме пет сигурни играчи. Немаше како сега, да дојде некој и да ме праша дали сакам да шутирам, сè се знаеше.

Уште на подготовките, се чувствуваше дека можеме до трофејот, но не размислувавме за тоа. Мораше да се докажеш и во лигата, тогаш добри беа Партизан, Динамо и Хајдук. Секоја седмица имавме квалитетни натпревари“, продолжи легендата. 

Можеби најинтересн дел од интервјуто беше поврза со дресот кој насобра крв од главата на Илија Најдоски. Легендарниот фудбалер нагласи дека сите дресови може да се загубат, ама тој нема никаква шанса. 

„Го сочував дресот од првото полувреме. Тој сè уште не е испран, има траги од крв. Стои дома, сите други ги снема, но тој нема шанса“, заврши Најдоски. 

Црвена Звезда пред 30 години ги израдува сите симпатизери во поранешна Југославија, покрај Србите, славеа и сите земји кои имаа свој претставник во славната генерација, а ги имаше речиси од целиот Балкан.