• Горан Упале
Францускиот напаѓач Оливие Жиру објави крај на репрезентативната кариера. Доскорешниот фудбалер на Милан го носеше дресот на репрезентацијата на 137 натпревари и е рекордер на „триколорите“ со 57 гола.
„Дојде моментот од кој најмногу се плашев. Се збогувам со селекцијата на Франција“, напиша 37-годишниот фудбалер на социјалните мрежи.
Тој потсети дека датумот го „темпирал“ да биде точно 15 јули, точно шест години по освојувањето на Светското првенство во Русија. Интересен е и датумот кога дебитираше за „петлите“ - 11 ноември 2011 година против Соединетите Американски Држави.
„Тринаесет години му служам на овој тим на Франција, кој засекогаш ќе биде врежан во моето срце. Тоа е мојата најголема гордост и најубав спомен“, додаде Жиру.
Кога станува збор за неговата клупска кариера, 193-сантиметри високиот Французин својата професионална кариера ја започна во Гренобл во 2005 година. Во татковината настапуваше и за Истр, Тур и Монпеље, со кој стана шампион на Франција во 2012 година. Потоа играше во Англија, за Арсенал и Челзи, а во 2021 година се пресели во Милан. Ова лето искусниот напаѓач направи трансфер во Лос Анџелес во МЛС лигата.