Најдобрата македонска судијка го доби дербито на денот!

Македонската судијка Ива Пројковска доби уште едно големо признание од Судиската комисија на УЕФА, откако беше назначена за главен судија на дерби-пресметката меѓу Реал Мадрид и Пари Сен Жермен во првото коло од групната фаза на женската Лига на шампиони.

Пројковска, која се наоѓа меѓу 20-те елитни судијки во Европа, повторно ја доби довербата на европската куќа на фудбалот, што претставува потврда за нејзините одлични настапи и високи оценки на неодамнешниот семинар во Женева, каде присуствуваа најдобрите женски судии на Стариот континент.

На натпреварот во Мадрид ќе ѝ асистираат Елена Соклевска-Илиевска од Македонија и Дијана Варага од Литванија, додека улогата на четврта судијка ќе ја извршува Сабина Болиќ од Хрватска. Контролор на судењето ќе биде Германката Кристина Батингер.