Наинголан: Ме апсеа како да сум Пабло Ескобар, ќе ја докажам мојата невиност

Поранешниот белгиски репрезентативец, Раџа Наинголан, првпат се огласи во јавноста после неговото апсење во случај поврзан со криумчарење и трговија со дрога. 

Контроверзниот фудбалер беше приведен, но потоа и пуштен да се брани од слобода, а за медиумите изјави дека неговото апсење било навистина „спектакуларно и непотребно“. 

„Ме испрашуваа четири часа. Кога ме изведоа пред судија, веќе беше шест часот попладне. Ми рекоа дека морам да ја минам ноќта во ќелија, се чувствував како да го апсат Пабло Ескобар.

Јас немам никаква врска со наркотици и со трговија. Во овој случај е вмешан еден мој пријател, но очекувам моето име да биде исклучено од оваа постапка. Ме апсеа на спектакуларен начин, тоа беше сосема непотребно“, изјави фудбалерот.

Наинголан уште е активен играч и во моментов е член на второлигашот Локерен. Тој повторно се врати на тренинзите, но ќе мора да ја докаже својата невиност во судскиот процес кој се очекува кон крајот на следниот месец.