• Саше Љолес

Маркус Рашфорд е официјално избран од навивачите на Манчестер Јунајтед за играч на сезоната 2022/23. Одличниот офанзивец одигра феноменална сезона и беше прва „ударна игла“ во нападот на тренерот Ерик Тен Хаг.
„Ѓаволите“ имаа големи проблеми во офанзивата сезонава, по заминувањето на Кристијано Роналдо беше доведен Вутер Вегхорст како напаѓач кој би можел да му помогне на тимот, но Холанѓанецот имаше очаен учинок и успеа да забележи само два гола. Сепак, ситуацијата со Рашфорд беше сосема поинаква.
Англискиот репрезентативец имаше и една ситна повреда, меѓутоа сепак успеа да се наметне како прва сила во нападот и постигна вкупно 30 голови и 11 асистенции во сите конкуренции, со што оваа сезона е убедливо најуспешната во неговиот престој кај „црвените ѓаволи“.
Рашфорд е прв играч на Јунајтед кој успеа да стигне до бројката од триесет голови по одличниот Робин ван Перси кој забележа исто толку погодоци уште во ерата на Сер Алекс Фергусон. Воедно, тој е еден од ретките играчи од академијата на Манчестер Јунајтед што е избран за најдобар во сезоната.
Напаѓачот ќе има можност малку да го подобри својот учинок, затоа што Јунајтед има уште еден меч за одигрување, а тоа е финалето од ФА-Купот против Манчестер Сити. Финалниот натпревар ќе се одигра на трети јуни, а навивачите на Манчестер Јунајтед се надеваат дека нивниот тим ќе успее да триумфира против фаворизираниот противник. Тие едногласно го одбраа Рашфорд за најдобар играч на тимот за оваа сезона, а 25-годишниот напаѓач во најтесната конкуренција ги „победи“ Бразилецот Касемиро и голманот Давид де Хеа.