Нагелсман вчера не го водеше Баерн од клупата, клубот ја откри причината

Екипата на Баерн Минхен прокнижи нови три бода во Лигата на шампионите на гостувањето кај Бенфика (0-4). Иако баварците долго се мачеа, со одлична игра во завршницата дојдоа до убедлив триумф. 

На овој натпревар, Јулијан Нагелсман не се најде на клупата поради болест, па тимот го водеа помошниците Дино Топмелер и Ксавер Земброд. Од клубот вчера напишаа само дека Нагелсман има симптоми на настинка, а денес открија за што се работи. 

„Јулијан Нагелсман беше тестиран позитивен на коронавирусот иако е целосно вакциниран. Тој ќе летне назад за Минхен одделен од тимот во медицински авион и ќе биде во изолација“, напишаа од Баерн. 

Баерн овој викенд го очекува дуел со Хофенхајм, а помошниците одново ќе бидат на клупата. Сепак, со денешната технологија Нагелсман речиси непречено ќе ја води екипата иако ќе биде во изолација.