Нагелсман по ждрепката: Салцбург е одвратен противник...

Баерн Минхен во повторената ждрепка имаше среќа и го доби Салцбург како осминафинален ривал во Лигата на шампионите. Сепак, иако се очекува германскиот гигант полесно да мине со ривалот од Австрија отколку да играше против Атлетико, предводникот Јулијан Нагелсман повика на внимание.

„Оваа ждрепка беше фер и праведна за сите. Што се однесува до Салцбург, тие се позитивно одвратен противник кој игра класичен фудбал за екипите на Ред Бул, со многу висок пресинг. Тоа е исклучително млад тим, против кој е незгодно да се игра“, изјави Нагелсман. 

Баварците се еден од главните фаворити за титулата во елитното натпреварување. Првиот осминафинален натпревар ќе се одигра на 16 февруари, додека реваншот е закажан за осми март.