Нафиу: Сакаме што поскоро да ги затвориме сите дилеми околу шампионската титула

Шкендија одлично ја продолжи сезоната во пролетниот дел и ја зголеми предноста на врвот на табелата. На осум кола до крајот, тетовчани треба да одбранат двоцифрена разлика во однос на Шкупи, ако сакаат да ја вратат домашната титула во своите витрини.

Солидни настапи во изминатиот период за тимот на Ернест Ѓока бележи Ваљмир Нафиу. Тој е задоволен од својата форма и можноста да ѝ помогне на екипата да ја оствари својата цел.

„За фудбалер нема поголемо задоволство од придонесување во успехот на екипата. Чувствувам дека сега сум во најдобар момент во кариерата. Сакаме да продолжиме да напредуваме и што поскоро и математички да ја обезбедиме титулата.

Искрено, лично никогаш не сум се фокусирал на статистички пресметки, но да бидам искрен, мило ми е што ги слушам. Особено ако овие бројки дојдат по момент кога некако се видовме себеси во проблеми да ја најдеме целта“, вели Нафиу.

26-годишникот во тековната сезона има три погодоци на 23 настапи, од кои на седум меча стартувал од првата минута.

„Нема фудбалер кој не сака да го дава најдоброто на секој натпревар, но секој случајно се соочува со период на криза. Ова го гледаме дури и во најнапредните лиги, така што е нормално и кај нас. Прво имав проблеми, но чувствувам дека сега сум во најдобра форма. И, секако, погодоците и асистенциите не се случајност. Разбирливо е дека во преден план е тимот и резултатите на тимот. За среќа, добро се снаоѓаме и во овој сегмент и верувам дека ќе продолжиме со овој учинок што побрзо и математички да ги затвориме сите дилеми околу шампионската титула“, вели членот на Шкендија.

Во следното коло лидерот во ПМФЛ ќе игра градско дерби против екипата на Ренова.