Надал: Заминува најважниот тенисер во мојата кариера, имавме пријателско ривалство 

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал изјави дека го радува фактот што последен пат покрај себе на теренот ќе го има Роџер Федерер.

Двајцата ќе играат во двојки на првиот ден од Лејвер Купот, а тоа ќе биде последен меч во професионалната кариера на швајцарскиот тенисер.

„Ќе биде тешко, пред сè за Роџер без сомнение, но и за мене. На крајот на краиштата, еден од, ако не и најважниот играч во мојата тениска кариера заминува“, изјави Надал.

Тој се осврна на ривалството што го имаа и смета дека и двајцата треба да се гордеат со тоа.

„Тоа беше пријателско ривалство. Во одредени моменти не беше лесно бидејќи игравме за толку важни работи во нашите тениски кариери, но во исто време можевме да препознаеме дека личните односи се поважни и подобри од професионалниот успех“, додаде шпанскиот тенисер.

Надал и Федерер ќе настапат в петок, а ривали ќе им бидат Џек Сок и Френсис Тиафо.