• Саше Љолес
Доскорешниот фудбалер на Реал Мадрид, Начо Фернандез, во изјава за шпанските медиуми рече дека не би се вратил во „кралскиот“ клуб дури и во оваа ситуација кога тимот се мачи со многу повредени играчи и одбраната е скоро целосно „срушена“.
34-годишниот дефанзивец одигра 244 натревари во тринаесет сезони во Реал и важи за една од легендите на клубот, но во моментов вели дека е среќен во Саудиска Арабија, каде замина по завршувањето на минатата сезона.
„Реал е клуб кој ми даде многу во животот, но јас го прифатив овој предизвик и среќен сум во новата средина. Немам намера да се расправам со тие што велат дека сум дошол поради парите, факт е дека сите заработуваме повеќе отколку во Европа.
Тоа воопшто не е важно, поважно е дека сум исполнет и сонувам да одиграм барем 30-40 натпревари за мојот нов клуб. Ако Реал не може да пронајде соодветно засилување, нека им даде шанса на децата од академијата. Клубот мора да преземе храбри чекори за да ја спаси сезоната“, рече Начо.
Шпанецот летово премина од Реал Мадрид во екипата на Ал-Кадсија, каде заработува десет милиони евра по сезона.