• Зоран Мишевски

Репрезентацијата на Македонија остана без шанси за првото место во групата во Лигата на нациите, откако загуби во Тбилиси од Грузија (2-0). Избраниците на Благоја Милевски одиграа храбро, имаа шанси кои не беа искористени, но ривалот ги казни двете невниманија и дојде до победата.
Еден од играчите кои погрешија беше Дарко Велковски, кој при вториот погодок одигра погрешно додавање и директно им дозволи контра напад на Грузијците. Селекторот на средбата со новинарите застана во одбрана на дефанзивецот.
<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Велковски „даруваше“, Квича ја води Грузија кон првото место
„Велковски е одличен фудбалер, одличен карактер и денес нему му е најтешко. Но, сите сме тука за него и има максимална поддршка од мене и од тимот. Не би издвоил кој одигра добро, а кој лошо. Ние сме тим и победуваме и губиме заедно“, заклучи Милевски.
Во ова издание на Лигата на нациите преостанува уште еден натпревар, в понеделник против Бугарија во Скопје. Пред Македонија е задача да се дојде до позитивен резултат и да се обезбеди второто место во групата кое потоа ќе донесе бенефиции во ждрепката за квалификациите за Европското првенство.