На теренот е чудесен, надвор од него - уште почудесен, приватниот живот на Осимен е нешто посебно!

Нигерскиот напаѓач и прв голгетер на Наполи, Виктор Осимен игра навистина чудесно оваа сезона во „небесно синиот“ дрес и го води тимот кон првото скудето после повеќе од три децении чекање. 

Осимен е навистина неверојатен на теренот, а исто така многу внимава и на својот приватен живот. Италијанските медиуми веќе неколку пати пишуваа за тоа колкав професионалец е Нигериецот кој води мирен живот и секогаш се труди да ја заштити приватноста на неговото потесно семејство. 

24-годишниот Осимен живее со девојката Стефани и ќерката Хајли во многу мирен дел од Неапол, населбата Виале Коста. Најчесто времето го поминува во својот дом и скоро никогаш не можете да го видите на улиците на Неапол, ниту пак во ексклузивните ресторани или во ноќните клубови. Тој едноставно е фокусиран на спортскиот живот и на професионализмот кој мора да го покаже за да остане на високото ниво на кое се наоѓа во моментов. 

Осимен најчесто излегува од дома кога треба да отиде на миса во црква или кога оди кај својот фризер (сите сме сведоци на неговите „шик“ фризури), а потоа се враќа веднаш дома и се труди комплетно да биде изолиран од медиумите и папараците. 

Неретко знае да го одведе своето семејство во Лондон или Париз, затоа што таму уште не го препознаваат толку како во Италија, па може послободно да се прошета, да оди во шопинг или да руча или вечера во некој од убавите ресторани во овие градови. Исто така, на социјалните мрежи никогаш нема да видите фотографии од неговата партнерка, од ќерката или од било кој член на неговото семејство, едноставно тој сака целосно да бидат заштитени од било какво медиумско експозе. 

Многу медиуми на големо пишуваат дека само во Италија може да ја има оваа приватност, затоа што познато е дека има огромен интерес од англиските клубови за неговите услуги, па доколку се пресели на Островот, ќе има многу поголема „мака“ со тамошните медиуми кои се многу поконкретни и „подосадни“ кога се работи за приватноста на фудбалерите. 

Најсериозни кандидати за неговиот потпис се Манчестер Јунајтед, Челзи и Манчестер Сити. Сумата што овие клубови би ја платиле би изнесувала околу 150 милиони фунти, а тоа ќе биде еден од поголемите трансфери во историјата. Виктор Осимен сезонава има постигнато 25 голови во 29 настапи за Наполи и е на добар пат да се закити со титулата во Калчо лигата. 

Останува да видиме дали неговиот трансфер ќе се реализира во текот на летово, затоа што газдата на Наполи, Аурелио Де Лаурентис е познат по тоа дека е „многу тежок“ за преговарање, а и самиот тој изјави дека не сака ниту да си го троши времето за понуди пониски од горенаведената сума.