• Иван Димовски
Манчестер јунајтед и Тотенхем се изборија за борба за трофејот во Лигата на Европа на 21 мај во Билбао. Победникот не само што ќе го освои престижниот европски пехар, туку ќе има уникатна шанса за пласман во Лигата на шампионите – како најслабо рангирана екипа во домашното првенство што некогаш изборила елитно европско учество.
„Црвените ѓаволи“ се на 15. место на табелата во Премиерлигата, додека Тотенхем е веднаш зад нив на 16. позиција. Ниту една од екипите нема шанси да заврши повисоко од 12. позиција, што значи дека новиот шампион во Лига Европа ќе постави преседан во историјата на европскиот фудбал.
Досега, најслабо пласирана екипа што освоила европски трофеј беше Вест Хем во 2023 година. „Чеканите“ ја освоија Конференциската лига завршувајќи како 14. во Премиерлигата. А кога станува збор за Лигата на шампионите, рекордот го држеше Севиља, која во сезоната 2022/23 стигна до трофејот во Лига Европа и обезбеди пласман во ЛШ иако беше само 12. во Примера. Покрај Севиља, сличен пат помина и Ајнтрахт Франкфурт, кој во 2022 година стана шампион на Лига Европа иако заврши како 11. во Бундеслигата.
Теоретски, и Манчестер јунајтед и Тотенхем сѐ уште имаат шанса да го израмнат рекордот на Севиља и да се искачат до 12. место во Премиерлигата. Но, тоа сценарио бара три победи од нивна страна и истовремено сите порази на Кристал Палас во преостанатите кола – нешто што е блиску до невозможна мисија.