• Мартин Танасковски
Светското првенство во фудбал, кое ќе се одржи следната година во САД, Канада и Мексико, ќе биде најголемиот Мундијал во историјата. Форматот е проширен од 32 на 48 репрезентации, што отвори огромна можност за земји кои досега ретко или никогаш не биле дел од најголемата фудбалска смотра во светот.
Неколку такви селекции веќе ја искористија шансата и го обезбедија својот историски пласман. Меѓу тимовите кои веќе потврдија учество се Јордан, Узбекистан и Зеленортските Острови, репрезентации кои се сметаат за скромни во светски рамки, но кои со импресивни настапи успеаја да стигнат до завршницата. Особено интересна е ситуацијата во зоната на КОНКАКАФ. САД, Канада и Мексико автоматски добија место на Мундијалот како земји-домаќини, што ја отвори групата за останатите селекции и ја направи конкуренцијата пореална за националните тимови кои обично се борат за пласман преку баражи.
Во такви околности, Хаити направи огромен чекор кон своето второ учество на едно Светско првенство, прво по 1974 година. Хаити е израмнет со Хондурас на врвот од групата, а првопласираниот тим ќе обезбеди директен пласман на Светското првенство. До крајот на квалификациите, Хондурас ќе гостува кај Костарика, додека Хаити ќе патува на дуел со Никарагва, селекција која веќе ги загуби шансите за пласман.
Доколку Хаити успее да стигне до победа, шансите за директна квалификација ќе станат исклучително големи, а земјата би можела да ја запише една од најзначајните страници во својата спортска историја. Последното, и единствено учество во 1974 година заврши со три порази во групната фаза, но нова генерација сега има можност да го промени наративот. Дали Хаити ќе успее да ја претвори оваа шанса во сензационален пласман или ќе остане краток во последниот чекор, останува да се види во драматичниот финиш на квалификациите.
