„На моменти чувствував дека фудбалот не е најважен во Манчестер Јунајтед“

Херера

Шпанскиот играч за врска Андер Херера се пресели во Франција и го облече дресот на ПСЖ. Претходно настапуваше во Премиер лигата за екипата на Манчестер Јунајтед.

Во интервју за француските медиуми, 30-годишникот од Билбао откри како се чувствувал додека бил на „Олд Трафорд“.

„Искрено, бев неизмерно среќен во Манчестер, но во клубот, имаше моменти кога чувствував дека фудбалот не се смета за најважен. Не знам, но фудбалот не беше најважната работа во Манчестер. Не сакам да споредувам, но она што знам е дека тука во Париз, се чувствувам како да дишам фудбал насекаде. И ми се допаѓа.

Не можам да зборувам за тоа како беше ПСЖ во претходните сезони затоа што не бев таму, но бидејќи сум тука, она што го гледам е дека сум во клуб кој размислува само и исклучиво за фудбалот. И ова го кажувам искрено затоа што понекогаш, гледано однадвор, ПСЖ може да има гламурозна страна што може да иритира некои луѓе. Но, тука се поти, тренираме, работиме! Кога ќе пристигнам во тренинг центарот, физиотерапевтот и физичкиот тренер веќе се на работа ... Фудбал, фудбал, фудбал!“, раскажа Баскиецот.

Кариерата на шпанскиот интернационалец започна во Сарагоза, а потоа продолжи во Атлетик Билбао, од каде направи милионски трансфер во Англија.