• Саше Љолес

Се чини дека проблемите на Јувентус се продлабочуваат со секој изминат ден, а денес како голем шок за сите навивачи на „бјанконерите“, стигна информацијата дека Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе го исфрли клубот од сите европски натпреварувања во следната сезона.
„Газета дело спорт“ пишува дека УЕФА е подготвена дополнително да го казни Јувентус со забрана за играње во Европа, а клубот ќе мора да плати и одредена парична казна. Сето тоа може да доведе до уште поголем удар за торинскиот клуб кој и без тоа се наоѓа во многу турбулентен период.
Јуве губеше, па добиваше назад поени во Серија А, управата водеше судски спорови додека траеше сезоната и сега се чини дека нивните раце уште повеќе ќе бидат полни со работа. Дел од италијанските медиуми велат дека претседателот на УЕФА, Александер Чеферин бил многу лут на Јувентус поради упорните обиди за создавање на проектот Суперлига и неотстапувањето од оваа идеа само ги иритира сите во Европската куќа на фудбалот која сака да го заштити овој формат на Лигата на шампионите.
Доколку навистина се потврдат сите овие информации во деновите што следат, Јувентус ќе биде во тешка финансиска ситуација и изгледа дека ќе мора да продаде дел од најдобрите фудбалери. Прв на листата би бил Србинот Душан Влаховиќ, за кого „бјанконерите“ можат да добијат солидна сума, а веќе и одамна се шпекулира за незадоволството од перформансот на играчот и за негова продажба.
Во секој случај, навивачите на Јувентус ќе имаат тежок период пред себе, а клубот ќе се обиде да се стабилизира и да биде конкурентен за највисоките дострели во италијанскиот фудбал. Оваа сезона Јувентус скоро ги загуби шансите за пласман во Лигата на шампионите, но и да избори учество во Лига Европа, тоа може да му биде одземено од УЕФА.