• Горан Упале
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед со освојувањето на ФА Купот успеаја да обезбедат учество во Лига Европа следната сезона, но големо прашање е дали тоа навистина ќе се случи.
Причина за ова е правилото на УЕФА дека исти сопственици не можат да имаат два клуба во исто натпреварување, а Џим Ретклиф, кој неодамна го купи англискиот клуб, преку својата компанија ИНЕОС веќе е сопственик на француска Ница, која исто така игра во ова натпреварување.
Имајќи предвид дека тимот од Азурниот брег сезоната во Лига 1 ја заврши на петтата позиција, а тимот од „Олд Трафорд“ беше само осми во англиската Премиер лига, Ница моментално е во предност, а на Манчестер Јунајтед му се заканува настапот во Лига Европа.
„Знаеме дека има проблем и секојдневно сме во контакт со челниците на УЕФА за да го најдеме најдоброто решение за негово надминување“, велат од компанијата ИНЕОС.
Една од опциите е „црвените ѓаволи“ да се преселат во Конференциската лига, но од компанијата во чија сопственост се споменатите два клуба веруваат дека ќе најдат адекватно решение.