ВИДЕО: На Челзи не му треба нов менаџер, туку нов голман – Арсенал го освои „Стемфорд Бриџ“

Екипата на Арсенал е поблиску до финалето од Лига Купот на Англија, откако во првиот полуфинален дуел со градскиот ривал Челзи на „Стемфорд Бриџ“ славеше минимална победа од 2-3 (0-1). На тој начин „топџиите“ го расипаа дебито на домашен терен на новиот менаџер на „сините“ Лиам Росениор, но на овој натпревар уште еднаш се потврди дека на Челзи итно му е потребен нов голман. Роберт Санчез одново одигра под очекувањата и беше директен виновник за два гола.

  • Извештај од натпреварот:

Првиот го прими по само седум минути игра, кога по еден корнер на Рајс, лошо ја процени топката и задоцни со интервенцијата, а Бен Вајт беше на вистинско место и со глава погоди за 0-1. Шпанскиот голман даруваше на стартот од вториот дел. Овој пат топката помина под неговите раце по центаршутот на Вајт и Ѓокереш стрелаше за 0-2. 

Но, Челзи не се предаде, а со влегувањето на Алехандро Гарначо во игра, доби на брзина и квалитет. Токму аргентинскиот ас во 57. минута намали на 1-2, но Мартин Зубименди набргу ја врати сигурната предност на „топџиите“. Во финишот играта на „Стемфорд Бриџ“ се разгоре, шанси се редеа пред двата гола, а Гарначо одново ја искористи својата и ги постави конечните 2-3.

Реваншот на „Емирати“ на програмата е на трети февруари. Во другиот полуфинален пар Манчестер Сити има предност од два гола по првиот натпревар против Њукасл.