„На 13 години го загубив татко ми и тогаш знаев дека ќе бидам фудбалер и ќе го спасам семејството“

Иако беше голема надеж на францускиот фудбал, кариерата на Мамаду Сако не се движеше по посакуваниот пат. По петте сезони минати во матичниот ПСЖ, во 2013 година дефанзивецот се сели во редовите на Ливерпул, каде неколку сезони беше стандарден првотимец, но по серијата повреди неговата форма драстично падна и сега се бори за место во почетниот тим на Кристал Палас.

30-годишниот стопер во интервју за француски медиум призна дека можел да успее многу повеќе во својата кариера, но сепак е задоволен од тоа што го направил досега. Исто така, се потсети и на своето детство, во кое го загуби својот родител кога имаше само 13 години.

„Во тоа време имаше многу банди во Париз и секој од нас припаѓаше на една. Тогаш бев во многу лошо друштво, иако имав само 13 години. Сепак, кога се случи таа трагедија и го загубив својот татко, во мојата глава многу работи се променија.

Тогаш знаев дека одговорноста е на моите рамена и дека во иднина морам да се грижам за семејството. Тогаш решив да бидам фудбалер, кој ќе заработува доволно за да го нахрани семејството. Фала му на Бога што успеав да го сторам тоа“, низ солзи говореше Сако.

Францускиот дефанзивец пред три сезони се пресели во редовите на Кристал Палас, клуб со кој има договор до јуни 2021 година.