ВИДЕО: МВП издание на Дориев, Шкендија пак ги скроти „лавовите“ среде Ѓорче! 

Фудбалерите на Шкендија ја продолжија серијата без пораз која трае 14 години и одново од Ѓорче Петров се враќаат со позитивен резултат. Во рамки од претпоследното есенско коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), тетовчани запишаа голема победа над Македонија ЃП (1-3) и конечно по четири натпревари во низа без триумф ги израдуваа своите фанови.

  • Головите од натпреварот:

Дербито на колото во прволигашкото друштво донесе возбудлив и квалитетен фудбал, особено во вториот дел, во кој домашните се растрчаа по минималната негатива на полувреме и му зададоа многу проблеми на фаворизираниот противник, но Шкендија искусно се справи со тоа и забележа нови важни бодови на своето конто.

Избраниците на Ќатип Османи имаа почетна иницијатива во Ѓорче Петров, притискаа по отворање на резултатот, но домаќините не дозволуваа посериозна закана кон голот на Стевковски. Сепак, тоа беше така до 19. минута, кога по одлична тимска акција тетовчани поведоа со 0-1. Стрелец на голот беше повремениот македонски репрезентативец Љупче Дориев со прецизен удар по земја.

Во продолжението од полувремето Шкендија имаше целосна контрола на топката и не дозволуваше домаќинот да се врати во игра, па на пауза се замина со минимална предност на гостите.

Во вториот дел настаните на теренот драстично се променија, барем кога се работеше за воведните минути. „Лавовите“ тргнаа силовите по израмнување, Скендери пропушти голема шанса за 1-1, па на спротивната страна пристигна казната и искусниот Хасани погоди за 0-2. Ниту новиот шок не ја дестабилизира играта на домаќините, па следуваше нов налет пред голот на Захов, кој овој пат резултатираше со погодок. Во 52. минута Ламос ја погоди стативата, а на одбиената топка натрча Скендери и со прецизен удар намали на 1-2. Неколку минути подоцна истиот фудбалер повторно беше во фокусот и со прекрасен удар со лева нога за малку не погоди за израмнување, додека на спротивната страна Елези немаше свој ден. Напаѓачот на Шкендија прво ја погоди стативата, а веднаш потоа со глава биеше над голот. До крајот на натпреварот гостинот од Тетово ги неутрализира сите налети на противникот, а Дориев својот одличен настап го круниса со нов погодок и во 84. минута ги постави кончените 1-3.

Со денешната победа Шкендија останува на третата позиција со три бода помалку од Шкупи, а осум од лидерот Струга, додека „лавовите“ се на осмото место со само 17 бода. Во следното коло Македонија ЃП ќе се сретне со Силекс, а Шкендија го игра големото дерби со Шкупи.