Муслиу и Николов елиминирани од Купот на Унгарија

Екипата во која настапуваат Бобан Николов и Висар Муслиу, МОЛ Фехервар претрпе елиминација во полуфиналето на Купот во Унгарија, откако повторно одиграа реми против Мезоковесд со 2-2. Сепак, првиот меч заврши 1-1, па противникот со повеќе голови на гости дојде до финалето. 

МОЛ Фехервер, за кој од првата минута на теренот се најде стоперот Муслиу, додека Николов остана на клупата, прими гол уште во осмата минута, кога Зивзиваѕе стрелаше за 0-1. Овој резултат остана активен до полувремето, а веќе на стартот гостинот ја дуплираше предноста кога Пекар погоди за 0-2. 

Сепак, МОЛ Фехервар не се откажа и бргу врати преку Амир Хоџиќ, а во 86. минута погоди и Стопира за 2-2. До крајот домашниот тим немаше сили целосно да го сврти резултатот, па Мезоковесд со гол повеќе на гости ја „чекираше“ картата за финалето.

Покрај двомечот во Купот, Муслиу и Николов се враќаат и на обврските во националниот шампионат, каде на 30 мај гостуваат кај ПАКС.