• Мартин Танасковски
Белгискиот фудбалски клуб Сент-Труден никогаш во својата историја не успеал да се искачи на шампионскиот трон во националното првенство, а најсветлиот момент го датира уште од 1966 година, кога го освои второто место. Шест децении подоцна, клубот повторно живее денови што мирисаат на историја.
Во актуелната сезона, Сент-Труден се наоѓа на втората позиција на табелата, со само еден бод заостанување зад лидерот Унион Сен-Жилоаз, што претставува едно од најпријатните изненадувања во белгискиот фудбал. Тимот покажува стабилност, дисциплина и тактичка зрелост, а особено се истакнува цврстата дефанзива.
Клучна улога во одбранбениот ред има македонскиот репрезентативец Висар Муслиу, кој со своето искуство, физичка доминација и лидерски карактер „командува“ со задната линија. Неговото присуство донесе сигурност и континуитет, што директно се одразува врз резултатите на тимот. На некои натпревари, Муслиу ја носеше и капитенската лента.
Иако е прерано да се зборува за шампионска титула, јасно е дека Сент-Труден е сериозен кандидат за историски пласман на европската сцена. Досега клубот има настап само во згаснатиот Интертото куп, па евентуалното обезбедување место во европските купови би претставувало најголем успех во модерната историја на клубот.
Со формата што ја прикажуваат и самодовербата што расте од коло во коло, Сент-Труден има реална шанса да ја претвори оваа сезона во незаборавна приказна.
ФОТО: STVV / Facebook

