• Горан Упале

Иако многумина мислеа дека дошол неговиот крај, Жозе Мурињо одново ги замолчи критичарите и ѝ донесе трофеј на Рома, прв по пауза од четиринаесет години. „Римската волчица“ со минимални 1-0 славеше во финалето од Конференциската лига на УЕФА против Феенорд и го освои првиот европски трофеј во историјата.
Португалскиот стручњак беше видно емотивен по големиот успех на својот тим и се расплака пред камерата.
„Овие единаесет месеци во Рома беа прекрасни. Им кажав на момците дека во Серија А го направивме тоа што требаше, да се пласираме во Лига Европа. Денес не беше обичен настап, туку пишување историја и ја испишавме историјата на Рома. Конференциската лига е натпреварување во кое од самиот почеток чувствувавме дека можеме да победиме.
Јас сум еден од оние кои сакаат да создадат семејство и секогаш имаат цел – да бидеме заедно во тешките моменти, но и во среќните како овој. Не велам дека не мислам малку на себе, но пред сè мислам како навивачите на Рома слават вечерва“ рече Мурињо.
За Мурињо ова беше петто европско финале и петта победа и стана единствениот тренер со трофеи во сите три активни натпреварувања на УЕФА.