• Саше Љолес
Аргентинската ѕвезда на Рома, Пауло Дибала, повторно се повреди и најверојатно ќе отсуствува од терените во следните дваесетина денови, јавуваат италијанските медиуми.
Дибала никако не може да влезе во константна форма поради честите повреди, а дека нешто не е во ред, потврдува и последниот пех кој повторно го испраќа на задолжителна пауза. Аргентинскиот напаѓач беше заменет на полувремето на Куп-натпреварот против Лацио, а подоцна беше утврдено дека се работи за истегнување на бутниот мускул.
Тренерот Жозе Мурињо има нови главоболки, затоа што Дибала сигурно ќе биде надвор од стројот за дербито на „Сан Сиро“ против Милан, и ќе мора да смисли нови решенија за нападот. Ромелу Лукаку сигурно ќе биде прва опција, а својата шанса сигурно ќе ја чекаат Белоти и Азмун.
Откако пристигна во Рома, Пауло Дибала пропушти дури 28 натпревари на „волчицата“, или вкупно отсуствуваше 138 денови. И покрај повредите, досега забележа учинок од 24 постигнати голови, а забележа и тринаесет асистенции.