Мурињо: Ве молам оставете нè на мир, ги немам Видиќ, Кин, Ван Нистелрој...

Манчестер Јунајтед одигра уште еден инфаркт-меч пред својата публика на „Олд Трафорд“, откако успеа двапати да се врати од негатива и да одигра 2-2 против големиот ривал Арсенал. 

По мечот, повторно во фокусот беше Жозе Мурињо, кој изјави дека е горд на своите избраници кои изгинале на теренот, но не е задоволен од комплетните дефанзивни обрвски. 

„Пак тие грешки. Како и на секој натпревар правиме грешки во последната линија и противникот нè казнува. Моите момци играа до самата граница на можностите, изгинаа на теренот, покажаа душа и срце, но немавме среќа. Затоа ве молам оставете нè на мир, дајте ни време. И немојте повеќе да нè споредувате со поранешните генерации. Јас во овој момент ги немам Кин, Видиќ, Гигс, Ван Нистелрој... Сега работам со нов тим, кој има квалитет и потенцијал“, рече португалскиот стратег. 

„Ѓаволите“ со ова реми ја продолжи низата од четири натпревари без победа и со само 23 бода застана на осмата позиција на табелата во Премиер лигата, дури седум помалку од Арсенал, кој е четврти.