Мурињо со урнебесен одговор во свој стил се претстави во Тотенхем

Португалскиот стратег Жозе Мурињо повторно ќе работи во Премиер лигата. Назначен е за нов тренер на Тотенхем, а на првата прес-конференција зборуваше во негов стил.

Мурињо истакна дека паузата го направила емоционално посилен, а за во Тотенхем вели дека не му требаат нови играчи засега, туку дека сака да го запознае актуелниот ростер.

„Нема да ги правам истите грешки. Ќе правам нови грешки. Ќе бидам посилен. Од емоционална гледна точка, релаксиран сум, мотивиран и подготвен. Мислам дека играчите го почувствуваа тоа во овие два дена. Подготвен сум да ги поддржам. Најдобриот подарок ми се овие играчи овде, не ми требаат нови имиња, сакам само да ги запознаам подобро оние што се тука. Не можеме да ја освоиме Премиер лигата оваа сезона. Следната сезона. Не велам дека ќе ја освоиме, туку велам дека можеме“, изјави Мурињо.

Новинар го праша Мурињо дали мисли дека на играчите влијаел поразот во финалето на Лигата на шампионите, а Португалецот беше краток и одговори оригинално.

„Не знам, затоа што никогаш не сум загубил финале на Лигата на шампионите“, истакна Мурињо.

Тотенхем е на 14-тото место во Премиер лигата, а Мурињо ќе дебитира на клупата на „петлите“ во англиската елита на гости кај Вест Хем.