Мурињо сака барем три нови имиња, а една ѕвезда ќе замине од Рома

Жозе Мурињо од следната сезона ќе се врати во Италија и ќе ја предводи екипата на Рома. Откако со огромен успех работеше во Интер, го одведе клубот до фамозната „триплета“ и најдобрата сезона во историјата, Португалецот сега ќе седне на клупата на „волчицата“. 

Веднаш по официјализацијата, тргнаа шпекулациите околу составот, евентуалните засилувања и заминувања. Засега, за очекување е да замине Хенрик Мхтаријан, кој не е во најдобри односи со Мурињо, додека тој побарал барем три нови имиња од управата. 

58-годишниот стручњак сака нов голман, еден напаѓач кој ќе биде алтернатива за Един Џеко, како и квалитетен фудбалер за врска. Јасно е дека Рома нема премногу пари за трошење и е во долгови, па Мурињо не може да очекува одеднаш да направи супер-тим. 

Покрај Мхтаријан, со кој не се сложува најдобрo, Мурињо работеше и со Смолинг во Манчестер Јунајтед, како и со Педро во Челзи. Искусниот дефанзивец беше главно алтернатива во Манчестер, но крилниот фудбалер пристигна во Лондон на барање на Мурињо, па можеби и шест години подоцна ќе му даде простор за игра. Се очекува во Рим да се врати Алесандро Флоренци, кој е позајмен во ПСЖ и нејасно е дали ќе биде откупен. 

Мурињо веројатно ќе ја користи формацијата 4-2-3-1 која ја наметна и во Тотенхем, но тоа ќе биде познато летово кога ќе го презеде тимот од Фонсека.