Мурињо подготвува „експлозија“, во Фенербахче доаѓа четирикратен европски шампион?

Турските медиуми изнесоа сензационална вест дека Жозе Мурињо и Фенербахче се силно заинтересирани за услугите на искусниот Матео Ковачиќ и веќе се договориле за сериозна понуда упатена кон премиерлигашот Манчестер Сити. 

Хрватскиот репрезентативец има богато портфолио, освојувач е на четири титули во Лигата на шампионите, а сезонава во дресот на „граѓаните“ одигра 32 натпревари и забележа учинок од пет гола и една асистенција. 

Ковачиќ би бил огромно засилување за турскиот гигант, кој грчевито се бори да го симне Галатасарај од тронот во домашното првенство, но оваа сезона таа мисија ќе биде многу тешка за Мурињо и неговата чета. 

Трофејниот Ковачиќ има договор со Сити до 2027 година, па затоа Фенер ќе мора да исплати сериозна отштета ако сака да го доведе во своите редови. 30-годишниот играч од средниот ред ја започна кариерата во Динамо Загреб, а потоа настапуваше за Интер, Реал Мадрид, Челзи и Манчестер Сити.