• Горан Упале
Жозе Мурињо, сепак, остана без Лигата на шампионите. Португалскиот стратег летово пристигна во Фенербахче и негова примарна цел беше обезбедување пласман во европската елита, но тоа не се случи.
Турскиот гигант го загуби двомечот со Лил, откако францускиот тим успеа да го преживеа пеколот во Истанбул и со гол во 116. минута се пласира во плеј-офот од квалификациите за Лигата на шампионите. Во регуларните деведесет минути резултатот беше 1-0, идентично како и во Франција.
Голот кој му даде надеж на Фенербахче го постигна Диаките, кој во 91. минута несреќно ја смести топката во сопствената мрежа. Во дополнителните триесет минути Манди заработи црвен картон, но домаќинот не успеа да го искористи тоа и во 116. минута прими гол кој значеше елиминација. Херој на Лил е Џонатан Давид, кој погоди од единаесет метри.
Во Лигата на шампионите продолжија и екипите на Слован Братислава, Бодо Глимт и Салцбург.