Мурињо: Од Фулам треба да се лутат? Дали сте сериозни? 

Жозе Мурињо, менаџерот на Тотенхем, смета дека Премиер лигата ја донесе вистинската одлука при закажувањето на натпреварот меѓу неговиот тим и Фулам, кој треба да се одигра в среда.

Тотенхем утревечер требаше да игра против Астон Вила, но поради големиот број заразени играчи со коронавирус во тимот од Бирмингем, тој натпревар беше одложен.

„Најголемо влијание има одложувањето на натпреварите. Менувањето на распоредот има минимално влијание, бидејќи на крајот секој тим ќе има 19 натпревари дома и на гости. Ако ова ѝ помогне на Премиер лигата за да се заврши сезоната како што треба, тогаш ова решение е позитивно“, рече Мурињо.

Првично, овој натпревар требаше да се одигра на 30 декември, но истиот беше одложен. На прашањето дали тимот од „Крејвен Котиџ“ треба да биде незадоволен, бидејќи на само два дена пред дуелот дознаваат дека треба да играат натпревар, Мурињо одговори:

„Дали сте сериозни? Веста за одложувањето на мечот против нив ја добивме само два часа пред да се започне самиот дуелот“.

Дуелот меѓу Тотенхем и Фулам (среда, 21:15 часот) нема да биде единствен од утрешната програма на Премиер лигата, затоа што два часа порано ќе се игра и натпреварот меѓу Манчестер Сити и Брајтон.