• Горан Упале
Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо им се нафрли на судиите по реваншот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, по кое неговиот Фенербахче беше елиминиран од Лил. Тој ги смета арбитрите за директни виновници за неуспехот на неговиот тим.
Реваншот во Истанбул беше решен со гол од пенал во продолженијата, а „специјалниот“ не сакаше да коментира премногу, бидејќи секој збор би донел голема казна.
„Подобро да не кажам ништо за пеналот. Само судијата на теренот и во ВАР просторијата знаат зошто ова беше пенал“, изјави Мурињо.
Тој го обвини противникот дека ја одолговлекува играта, а судиите тоа го толерираа.
„Денес едната екипа заслужи да победи, а другата слави. Реален сум, ние никогаш не би можеле да стигнеме до финалето на Лигата на шампионите, но имаме шанса во Лига Европа“, додаде Моу.
На прашањето на турските новинари што му тргна наопаку на Фенер, Мурињо рече:
„Дали го гледавте натпреварот? Па, нашиот голман Ливаковиќ не ја ни допре топката, немаше што да прави. Дали треба да ви објаснам нешто повеќе?“, прашува Мурињо.
Херој на Лил беше Џонатан Давид кој го погоди ударот од единаесет метри во 116. минута.