• Саше Љолес
Португалскиот стратег Жозе Мурињо покрена постапка против Турција и фудбалската федерација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, оспорувајќи ги дисциплинските санкции што му беа изречени додека беше тренер на Фенербахче. Судот ја прифатил неговата апликација и побарал официјален одговор од турските власти, со што случајот влегува во понатамошна постапка.
Спорот се однесува на казната што Мурињо ја доби по натпреварот меѓу Трабзонспор и Фенербахче во ноември 2024 година. Тогаш Турската фудбалска федерација му изрече парична казна од 600.000 турски лири, како и забрана за присуство во соблекувалната и на клупата за еден натпревар.
Причина за санкцијата беа неговите критики кон судењето и ВАР-системот по победата на Фенербахче од 3-2. Мурињо тогаш остро реагираше на неколку судиски одлуки и јавно го доведе во прашање квалитетот на арбитражата во турскиот шампионат.
Во жалбата до Европскиот суд, португалскиот тренер тврди дека му било прекршено правото на фер судење, бидејќи дисциплинските и арбитражните комисии на Турската фудбалска федерација не биле доволно независни и непристрасни. Дополнително, наведува дека не добил соодветно образложение за донесената одлука. Мурињо смета и дека санкцијата претставува повреда на неговото право на слобода на изразување, бидејќи бил казнет поради јавно искажано мислење за судењето и состојбите во турскиот фудбал.
Европскиот суд сега ќе треба да утврди дали дисциплинските органи на федерацијата навистина функционирале како независно тело и дали е направен соодветен баланс помеѓу слободата на говор и интересите на спортските институции. Случајот предизвика големо внимание во европската спортска јавност, бидејќи ретко се случува еден од најтрофејните тренери во историјата на фудбалот да бара правна заштита пред највисоката европска судска инстанца за човекови права, поради одлуки донесени од национална спортска федерација.

