• Саше Љолес
Поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид, Рафаел Алкорта, изјави дека главната причина поради која Винициус Жуниор и Килијан Мбапе сè уште не успеале да воспостават вистинска соработка на теренот е нивното его.
Мбапе пристигна во Мадрид во 2024 година со огромни очекувања, но партнерството со Винициус не се разви онака како што се очекуваше. Според Алкорта, проблемот не е во квалитетот на двајцата фудбалери, туку во тоа кој ќе има главна улога во тимот.
„Откако дојде Мбапе, проблемот е во егото. Никогаш не сум ја разбирал таа приказна за егото, ниту сум доживеал такво нешто во соблекувалната, но факт е дека нивната соработка на теренот едноставно не функционираше како што треба“, изјави Алкорта.
Сепак, поранешниот шпански репрезентативец верува дека Жозе Мурињо може да биде човекот кој ќе го пронајде вистинскиот рецепт за двете големи ѕвезди конечно да играат како тандем.
„Мбапе постигнува 50 гола по сезона и се надевам дека Мурињо ќе успее да ги натера двајцата да играат добро заедно. Ако Винициус остане, Мурињо ќе бара од него работи што претходните тренери не успеале да ги извлечат. Сигурен сум дека веќе му ставил до знаење што очекува од него“, додаде Алкорта.
Токму од Мурињо сега ќе се очекува да најде начин Винициус и Мбапе да престанат да се „борат за простор“ и наместо тоа да станат еден од најопасните напаѓачки тандеми во Европа.







