• Саше Љолес
Легендарниот Жозе Мурињо беше видно незадоволен од ремито на неговата Рома против Сервет (1-1), а на прес-конференцијата по натпреварот во свој стил даде неколку интересни изјави.
Португалецот упати критики до своите фудбалери, не потенцирајќи никого индивидуално, но рече дека Рома се труди да извлече максимум со постоечкиот играчки кадар. Мурињо се осврна и на многуте повреди во тимот, а со една изјава ги „пецна“ Манчестер Сити и нивниот предводник, Пеп Гвардиола.
„Имавме многу проблеми, особено во дефанзивата. Целиот тим е виновен за овој резултат, иако сметам дека во одредени моменти прикажавме одличен фудбал. Имаме повредени играчи во дефанзивата и се трудиме да го извлечеме максимумот.
Јас не сум Гвардиола и не ги менувам играчите кога ќе посакам. Тој купува еден фудбалер и ако не е задоволен од него, веднаш доведува замена. Ние не сме во таква позиција и правиме сѐ што можеме со постоечкиот играчки кадар. Се надевам дека ќе ја извлечеме поуката од ова реми со Сервет“, изјави Мурињо.
По гостувањето во Швајцарија, Рома има десет бода на табелата во групата Г од Лига Европа. „Волчицата“ во последното коло ќе го пречека Шериф Тираспол и ќе има шанса да ја заврши групната фаза како првопласирана во својата конкуренција.