Мурињо ја откри улогата на Пандев при обидот да се сопре Меси

Фудбалскиот свет долго ќе го памети полуфиналниот двобој меѓу Интер и Барселона, во кој се судрија две различни филозофии.

Жозе Мурињо на едната и Пеп Гвардиола на спротивната страна. Португалецот со неговата дефанзивна тактика му пркосеше на тоталниот фудбал и популарната „тики-така“ на предводникот на Каталонците.

Со оглед на тоа што оваа сезона тимот од „Камп Ноу“ доминира во Европа, Мурињо, кој моментално работи како фудбалски аналитичар на ТВ, откри која беше неговата замисла во деновите кога се бореше за финале во Лигата на шампионите. Успехот го постигна со неколку тактички замисли да му застане на патот на Лионел Меси, а во истите во голема мера беше вклучен и нашиот Горан Пандев.

„Игравме со Жулио Цезар на голот, четворица дефанзивци ни беа Маикон, Самуел, Лусио и Занети. Во текот на мечот, ние се позициониравме поинаку, врз основа на движењата на играчите на Барселона. Различното позиционирање беше резултат на нашата амбиција да ги анализираме слабостите кај противникот и истите да ги искористиме. Тоа беше полуфинален двомеч, што значеше да се играат два натпревари. Првиот беше дома и се разбира, знаевме дека вториот во Барселона ќе биде покомплициран.

Во тој период во средниот ред редовно играа Мота, Снајдер и Камбиасо, а Ето, Пандев и Диего Милито беа моите тројца напаѓачи. Во некои моменти од играта го теравме Пандев повеќе да се фокусира во центарот, а Ето требаше да биде поблиску до Милито, за да го окупира централното подрачје со еден вид ромб. Барселона играше со четири одбранбени играчи, а пред нив беше Бускетс, заедно со Чави и Кеита. Иниеста не го започна реваншот на „Камп Ноу“. Ибрахимовиќ беше централниот напаѓач, на страна беа Педро и Меси. И токму од него почнавме да анализираме и да се обидуваме да ги предвидиме проблемите. Меси започна од десно, но очигледно со слобода да игра на различни места од теренот. Дани Алвес имаше улога постојано да напаѓа и да се обидува да создаде ситуација на нумеричка супериорност.

Нашата одлука беше кога оваа ситуација ќе се појави, поточно кога Меси ќе влезе во средниот дел, а Алвес излезе во напад, Занети да го следи секој чекор на Аргентинецот. Тука доаѓаше и задачата за Пандев кој требаше да се врати на својата половина и да учествува во одбраната. Решението за нас при оваа ситуација беше многу лесно. Меси во ниту еден момент да не е сам и најважно да му се отежни играта на секој можен начин. Најважно беше да не му дозволиме на Меси да игра лесно. Сите беа одговори за него и за неговите движења.

Нашиот дефанзивен стил се базираше на оваа позиционална претпоставка. Веројатно единствениот позициски проблем што го имавме, покрај тоа, беше тоа што моравме да останеме компактни и да не оставиме простор. Тие очекувано го имаа поседот на топка, но кога не создаваа опасност кон нашиот гол, ние моравме бидеме подготвени и ментално силни да го издржиме тој празен период“, раскажа португалскиот стратег од Сетубал.

Првиот меч во Милано заврши во полза на „неразурите“ со резултат 3-1, а реваншот Барса го доби со минимални 1-0 и не успеа да го искористи домашниот терен за да се пласира во финалето. Моментот кој го одбележа вториот дуел меѓу овие два тима беше црвениот картон на Тиаго Мота уште во првиот дел, што дополнително ги отежна работите на гостите.

Мурињо постојано провоцираше од клупата за резерви, во еден момент се осмели да им дошепне нешто на Ибрахимовиќ и Гвардиола, а на крајот, кога се избори за големиот успех, бурно прослави со победнички трк на тревникот на лутиот ривал.