• Мартин Танасковски
Враќањето на Жозе Мурињо на клупата на Реал Мадрид е сè поблиску до реализација, а според шпанските медиуми, португалскиот стратег веќе почнал да ги крои плановите за составот за следната сезона. Иако изборите за претседател на клубот ја одложија официјализацијата на целата приказна, по новиот мандат на Флорентино Перез на чело на „кралскиот клуб“, се очекува наскоро да биде потврдено и доаѓањето на Мурињо.
Португалецот наводно веќе му ги претставил своите идеи на Перез и јасно ставил до знаење како го замислува тимот за наредната сезона. Покрај желбите за нови засилувања, искусниот стратег подготвил и листа на фудбалери на кои не смета во своите планови.
Според информациите на шпанскиот „Спорт“, дури шестмина играчи се наоѓаат на таканаречената „црна листа“ на Мурињо. Станува збор за Родриго, Едуардо Камавинга, Раул Асенсио, Дани Себаљос, Фран Гарсија и Франко Мастантуоно. Наводно, Мурињо смета дека овие фудбалери нема да имаат значајна улога во неговиот проект и би можеле да бидат ставени на трансфер-листата во текот на летниот преоден рок.
Сепак, евентуалната разделба со нив нема да биде едноставна задача за раководството на Реал Мадрид. Поголемиот дел од споменатите играчи имаат долгорочни договори со клубот и нивното заминување ќе зависи од интересот на други клубови, како и од финансиските услови на потенцијалните трансфери.
Доколку овие информации се покажат како точни, Реал Мадрид би можел да мине низ сериозна реконструкција на играчкиот кадар во пресрет на новата сезона, со цел Мурињо да формира тим по свој вкус и повторно да го врати клубот на самиот врв на европскиот фудбал.
